Советнички прашања на 11-тата седница на Советот

Советот на општина Ѓорче Петров ја одржа 11-тата седница. Меѓу другото, на дневен ред беа и советнички прашања.
Опозицијата, воглавно се осврна на проблем со кучињата-скитници, особено во Даме Груев, зелените површини за кои сметаат дека се ненавремено искосени, што довело до појава на змии, чистотата во општината, сообраќајната безбедност, а побараа и нова сала во подрачното училиште “Димитар Поп Георгиев Беровски”-Хром.
Им беше укажано дека општината се понуди да му излезе во пресрет на Град Скопје со тоа што ќе учествува во изградба на стационар за кучиња, веројатно во руралниот дел на Ѓорче Петров каде нема густо население, за што се уште се чека одговор. Во делот на уредување на зелената површина, пак, беа информирани оти службите се постојано на терен, и се работи постојано и на секој дел кој е во ингеренција на општината.
Воведено е двосменско работење, како и активност за време на викенди на комуналните служби, со што се очекува намалување на нечистотијата, а повторно се разгледува и можноста за општинско комунално претпријатие со што значително ќе се подобрат состојбите.
Во училиштето во Хром планирана е изградба на мултифункционално игралиште, наместо спортска сала која ќе им биде од корист и на учениците. На седницата се дебатираше и за набрзо поставување лежечки полицајци кај критични точки, одбележување на паркинг места, односно обезбедување површини за да се растеретат сообраќајниците, како и за повторно упатување апел за расчистување на возилата од места кои не се предвидени за паркирање, пред да се почне со казнување.