Се санираат штетите од силното невреме во Ѓорче Петров

Комуналните екипи на општина Ѓорче Петров и на Град Скопје ги санираат последиците од силниот ветар што синоќа предизвика штета на повеќе локации во Скопје.

Како резултат на силниот ветер, откорнати се повеќе дрвја и искршени се  гранки кои имаат оштетено неколку автомобили. Штета претрплеле и кровните површини на неколку згради.

Општинските комунални служби од синоќа се на терен справувајќи се со последиците од невремето. И утринава службите се фокусирани на отстранување на паднатите дрвја од улици и патеките и влезовите пред училиштата и градинките.

Етапно ќе се расчистуваат сите штети на територија на Ѓорче Петров.

Општина Ѓорче Петров ги повикува граѓаните да пријават доколку забележат паднати дрвја и поголеми гранки, со цел комуналните служби да излезат навремено и да го расчистат теренот.