Седница на Скопски плански регион во општина Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров денеска беше домаќин на седмата седница на Советот за развој на Скопскиот плански регион на која се разгледаа повеќе актуелни прашања во врска со подготовка и реализација на проекти. Беше утврден големиот потенцијал за реализација на проекти, но сепак, констатирано е и дека отсуствува координација меѓу општините и Скопски плански регион на чие подобрување интензивно ќе се работи во иднина.

Воедно, со цел подобра координација меѓу општините, беше донесена одлука за избор на нов директор на Советот за развој на Скопски плански регион.

Од страна на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски беше потенциран големиот проблем со уредување на сливот на реката Лепенец, и на негово инсистирање се формираше координативна група составена од градоначалниците на Ѓорче Петров, Карпош и Чучер Сандево со цел да координираат и да го подигнат нивото на активности, заради успешна и поскора реализација на проектот.

На седницата беа разгледани и информациите за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Србија, за имплементација на проектот “Воспоставување на систем за управување со отпад од пакување, отпадни батерии и електронски отпад”, финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и за измена на Одлука за утврдување на проект за аплицирање на Грантова шема-Подобрување на општински владеење, финансирана од УНДП.