Свечена седница на Советот на општина Ѓорче Петров

Свечена седница на Советот по повод 20-ти септември, годишнина од именувањето на населбата од Ханриево во Ѓорче Петров-името кое го славиме, симболот на револуцијата, непокорот и дипломатијата се одржа во Домот на културата во општината.
Нашиот патрон своевремено дал голем придонес за ние денес да сме горди на оваа општина, да продолжиме револуционерно да создаваме, дипломатски да воспоставуваме односи со други локални самоуправи и градови и непокорно да се пробиваме низ тежините на времето кои ги носи секојдневието, а за нас се предизвик.
-Минатото е зад нас, а иднината пред нас. Во сегашноста создаваме за ние еден ден да напишеме историја и да оставиме некому вредности. Работиме напорно за нашите граѓани да имаат сигурна иднина. Да се носи името на еден револуционер како Ѓорче Петров е чест, гордост и привилегија. Затоа, денеска јас и моите сограѓани сме горди ѓорчепетровци. Да им оставиме аманет на новите генерации да работат и негуваат. Да ги учиме што е добро, а што не чини. Да бидеме ние пример, како што Ѓорче Петров денеска е пример за сите нас. Нека ни е честит и вековит празникот на општина Ѓорче Петров – рече градоначалникот Александар Наумоски во обраќањето пред присутните.
На свеченоста присуствуваа делегации од општини од Србија, Бугарија и Словенија со кои нашата локална самоуправа веќе има воспоставено соработка или е збратимена општина. Исто така, покрај бројните гости, присутни беа и претставници од амбасадите во Република Македонија.
Наумоски им изрази голема благодарност на третиот секретар на Амбасадата на Република Србија, Срѓан Недељковиќ, на н.е. Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија, на вонредниот и ополномошен амбасадор на Република Бугарија н.е. Даниела Будинова, како и на Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата за развој УСАИД (Агенција на САД за меѓународен развој) за честа што ни ја укажаа на овој важен ден за општината.
Присутни беа и бројни гости, истакнати ѓорчепетровци, ученици, таленти итн. на кои им беа врачени благодарници или пофалници за посебен придонес. На истакнатиот сатиричар и спортски работник од Ѓорче Петров, Васил Толевски му беше врачена плакета за претставување на општината на државно и меѓународно ниво во областа на спортот и културата.