Реакција на прес конференцијата на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ со наслов: Само во Ѓорче Петров – 25.000 евра за две машини за перење

Времето на наместени тендери и незаконското работење е одлика на ВМРО-ДПМНЕ. Во недостиг на теми за партиски пресови, портпаролот  Наум Стоилковски, наместо да измислува прес конференции за 5 минути слава, може во секое време да дојде во просториите на Градинката Росица со запазување на ковид протоколите и да изврши увид во тендерската документација за набавка на индустриски машини за перење.

Дека се е чисто во набавката на индустриските машини за перење може да се уверат и советниците од Советот на општина Ѓорче Петров од ВМРО ДПМНЕ. Вратите на градинката се отворени дококу советниците сакаат да пласираат вистина и изворно да се уверат во текот на целата постапка. Секоја набавка која е над 60.000 денари мора да се изведе преку јавна набавка (тендер) и затоа градинката Росица не може да купи машини за перење на слободниот пазар кои секако би чинеле помалку.

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги гледале цените на производителот, треба да се едуцирани и треба да знаат дека фабричката цена секако е пониска но подлежи на увозни царини и не е иста. Градинката Росица постапката за спроведување јавни набавки ја врши самостојно и Општината Ѓорче Петров нема никаква улога во тоа.

Постапката е спроведена според Закон за јавни набавки. Тендерската постапка беше јавно објавена 15 дена во ЕСЈН и Службен весник, и секој економски оператор  имаше право и можност да учествува во постапката .

Критериум за избор е најниска цена. Беа доставени две понуди, но економскиот оператор со пониска цена не ги достави потребните документи за докажување на способност кои се бараа во тендерската документација и поради тоа неговата понуда е отфрлена како непотполна .

Законот за јавни набавки е во целост запазен  и испочитуван во оваа постапка и нема никакво кршење на законот.

Парите за машините се планирани од самофинансирачката сметка, но во моментот градинката Росица  нема доволно средства, со што машините ниту се набавени ниту монтирани.

За жал, градинката  Росица изминатите години беше оставена на забот на времето. Инвестициите во изградба и одржување на инфраструктурата на објектите била сведена на нула. Последната машина за перење е набавена пред  цели 40 години, а во моментов не работи ниту една од нив. Оддржувањето на хигиената , односно перењето на постелнината се врши со алтернативни решенија.

Набавените две индустриски машини за перење алишта ќе ги опслужуваат сите 5 објекти од градинката Росица. Се работи за професионални машини за перење кои треба да опслужат над 1000 деца.

И понатаму  продолжуваме да инвестираме и да се грижиме за најмилите – децата кои се нашата иднина.