Процесот на партиципативно буџетирање успешно воведен во општина Ѓорче Петров

На  10-ти септември 2020 година, во хотел Мериот Скопје се одржа економски форум „Општините и граѓаните: заедно до подобар буџет“, каде се промовираа резултатите од мониторинг анализата на процесот на партиципативно буџетирање воведен во осум општини во рамки на проектот „Мои пари, моја одговорност – партиципативно буџетирање во општините“ финансиран од УСАИД проектот за граѓанско учество.

Општина Ѓорче Петров е една од четирите општини каде беа организирани јавни дискусии во две последователни години, 2018 и 2019 година, и една од петте општини каде учествуваа Градоначалниците и лично ги адресираа предлозите и прашањата на граѓаните. Дополнително, Ѓорче Петров е општина со најголем број на учесници што значително се зголеми од една во друга година. Во Општина Ѓорче Петров, во 2018 година преовладуваат предлози за проекти во областа урбанизам и инфраструктура, а во 2019 година структурата на предлог-проектите е променета. Имено, во 2019 години преовладуваат барања за изградба на објекти и на услуги што ги нуди локалната самоуправа, и тоа реконструкција на општинските училишта, нови детски градинки, киносала, сала за пензионери и слично. Предлог-проектите во делот на урбанизам и на инфраструктура се насочени кон реконструкција на конкретни локални улици, паркови, паркинг-простор и пешачки патеки. Општината, прифати да реализира 55% од предложените проекти, што е највисока стапка на имплементација во однос на останатите урбани општини вклучени во проектот. За реализација на овие проекти, Општината издвои 7% од својот буџет, или 51 милион денари, што се смета за голем успех со оглед на ограничените финансиски средства со кои располага општината. Заради успешната имплементација на процесот на партиципативно буџетирање, Општина Ѓорче Петров доби Признание од Finance Think – Институт за економски истражувања и политики и мрежата ФИСКАСТ.