Првата дама во посета на Специјализираната болница „13 Ноември“

Секоја година во претпоследната недела на ноември се одбележува „Неделата на грижа на стари лица“. По тој повод, директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Салија Љатив денеска беше домаќин на првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Георгиевска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.

Тие посетија дел до пациентите од кои поголем број се во подоцнежни години. Заеднички им посочија дека не се заборавени и оти грижата за старите лица е обврска на сите нас.

-Тие своевремено делувале и давале голем придонес во општеството, и тоа сите ние треба да го почитуваме, рече Наумоски.

Општина Ѓорче Петров во континуитет води грижа за оваа категорија граѓани. Лани ангажираше пет асистенти за помош на стари и болни лица кои работеа во повеќе семејства што имаа потреба од дополнителна помош. Проектот даде одлични резултати, бидејќи значително им се подобри состојбата на тие лица. Кон средината на следната година, се очекува продолжување на овој проект.