Потпишан Меморандум за соработка со “Хабитат Македонија”

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски и извршниот директор на Здружението за хумано домување “Хабитат Македонија” Зоран Костов потпишаа Меморандум за соработка во врска со спроведување проектни активности за воспоставување регистар на станбени згради и станови и регистар на управители на станбени згради за секторот домување во Македонија.
По завршување на регистарот од кој ќе се добијат потребните податоци за состојбата во која се наоѓаат зградите на територија на Ѓорче Петров, во план е да се прејде на втората фаза во која ќе се утврдат условите, критериумите, начинот и постапката за субвенционирање од страна на општината на фасадите и крововите на зградите, со што ќе се доведе до зголемување на енергетската ефикасност, а со тоа и намалување на трошоците на сметките, како и придонес кон заштитата од аерозагадувањето.
-Имајќи ја во предвид основната определба како градоначалник за системско решавање на проблемите на граѓаните, преку креирање услови за инвестиции кои ќе го подигнат нивото на квалитет на живот на граѓаните, сакам да истакнам дека почнуваме соработка со “Хабитат Македонија” во делот на спроведување проектни активности во секторот домување. Како општина, имаме директни одговорности и надлежности за инвестиции и одржување на јавни објекти како што се училишта и детски градинки, но сепак си поставивме една поамбициозна цел, а тоа е да градиме партнерство со граѓаните за инвестиции во колективни станбени згради, односно во секторот домување и тоа инвестиции со мерки за енергетска ефикаснот – рече Наумоски.
Oва е подготвителна фаза со која ќе се обезбедат сите предуслови за почеток на поддршка на инвестиции во секторот домување, кое ќе биде целосно јавно и транспарентно со јасно дефинирани услови и кретируми каде можат да аплицираат сите регистрирани заедници на сопственици и управители на станбени згради.