Повик за изразување интерес на млади кои сакаат да бидат дел од Гаранцијата за млади/ Гаранција за млади – гаранција за можности, 18 јуни, 09:30 часот, плато пред МКЦ, Скопје

Министерството за труд и социјална политика заедно со Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија започнува со реализација на проектот Гаранција за млади. Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која се спроведува во државите од Европската Унија од 2012 година. Македонија ја имплементира оваа програма во пилот фаза која започнува во 2018 година.
Гаранцијата за млади им гарантира на младите лица дека во период од 4 месеци откако тие ќе се пријават во Агенцијата за вработување кариерните советници ќе ги упатат во некоја од мерките што ги нуди Гаранција за млади. Во оваа пилот фаза за имплементација на програмата се вклучени општините од Град Скопје, општина Струмица и општина Гостивар. Оваа мерка е отворена за сите млади лица на возраст до 29 години кои се невработени, веќе го завршиле своето образование (средно училиште или факултет) и не се пријавени во АВРМ.
Во секоја од општините (во Град Скопје, Струмица и Гостивар) кои се вклучени во имплементацијата се ангажирани по двајца теренски работници кои имаат основна задача да им ја претстават Гаранцијата за млади на младите лица и да им помогнат во процесот на пристапување до Агенцијата за вработување.
Кариерните советници од Агенцијата за вработување, врз основа на искуството на младите лица кои ќе се пријават, заедно со нив ќе ја изберат онаа мерка која е најсоодветна за нив. Кариерните советници од Агенцијата за вработување и теренските работници поминаа низ процес на учење составен од обуки за кариерен развој на млади како и учење за добрите практики со кои Европските држави се служеле во текот на имплементацијата на програмата. Поради оваа причина, младите лица кои се заинтересирани за вклучување во оваа програма може да се обратат директно до теренските работници кои понатаму ќе ги упатат до соодветниот центар за вработување.
Во општина Ѓорче Петров ангажирани се следниве теренски работници Маја Ѓеоргиевска (тел: 077 846 257) и Мартина Филковска (тел: 077 866 431)
Доколку сте заинтересирани за вклучување во Гаранцијата за млади пополнете го овој формулар – пријава и погоренаведените теренски работници ангажирани во општина Ѓорче Петров ќе ве контактираат. Исто така можете и вие да ги контактирате телефонски. За дополнителни информации обратете се на: info@nms.org.mk.
За повеќе информации погледнете го видеото на следниов линк: https://www.facebook.com/NMSMKD/videos/1561930417239118/ .
Едновремено Ве покануваме да присуствувате на настанот Гаранција за млади – гаранција за можности во понеделник, 18 јуни со почеток во 09:30 часот, на платото пред МКЦ, Скопје за да се информирате што нуди проектот (повеќе на следниов линк: https://www.facebook.com/events/399500353900148/) . На настанот ќе се обратат Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска како и досегашни корисници на Гаранцијата за млади.
Доколку ве интересира процесот на имплементација на Гаранција за млади во земјите членки на Европската Унија можете да најдете повеќе информации на следниов линк http://europa.eu/youth/lu/article/37/32248_mk.
Проектот „Гаранција за млади“ се спроведува од Министерство за труд и социјална политика, Агенција за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а е финансиски поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.