Отворена новата училишна спортска сала во „Јоаким Крчоски“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски присуствуваа на отворање на новата училишна спортска сала во „Јоаким Крчоски“.

Салата е на површина од 650 метри квадратни, со најмодерни стандарди наменета за сите спортови. По 60 години, ова училиште првпат добива ваков објект за околу 400 ученици, спортисти и рекреативци од Ѓорче Петров. Инвестицијата ја реализиравме заедно со Министерството за образование и наука.

-Чест ми е што пуштањето во употреба на училишната спортска сала во „Јоаким Крчоски“ го реализиравме заедно со премиерот и министерката за образование и наука со што се докажува дека централната власт силно се залага за рамномерен развој на сите општини. Соработката со општината е на исклучително високо ниво, а тоа го покажува и овој проект со кој сме особено горди. Волково и околните населени места во изминатите речиси 4 години добија за првпат уште неколку значајни капитални проекти. Инвестиции кои ги реализиравме самостојно како локална самоуправа и со поддршка од централната власт – рече Наумоски при обраќањето.

Градоначалникот додаде дека општина Ѓорче Петров во руралниот дел досега инвестираше речиси 7 милиони евра заедно со Владата.

-Со помош на Министерството за транспорт и врски поставена е фекална мрежа во должина од 25 км. во руралниот дел. Асфалтирани се 50-тина помали и поголеми улици од кои 15 км. со општински средства. Изградбата на најмодерната градинка во Волково е при крај – проект вреден 1 милиони и 400 илјади евра во соработка со МТСП. Заедно со МОН го доградуваме училиштето „Тихомир Милошевски“ за нови 500 квадрати – инвестиција во вредност од околу 500.000 евра. Волково доби нов современ кружен тек со што се реши сообраќајниот хаос кај ова поранешно „тесно грло“. Инвестирани се 140.000 евра, средства обезбедени во соработка со АФПЗРР. Преку истата Агенција реконструиран е и локалниот пат до Кучково во должина од 1,5 км. Инвестиција во вредност од 280.000 евра. Волково е осветлено со 600 нови штедливи ЛЕД светилки со автоматско управување – нагласи Наумоски.

Ова, додаде, се само дел од проектите во овој дел од Ѓорче Петров.

-Граѓаните веќе не препознаваат по темпото на работа. Така и ќе остане. Имаме завршени проекти со кои се гордееме, но и капитални инвестиции кои ќе бидат заокружени годинава – рече Наумоски.