Основното училиште ,,Ѓорче Петров,, одбележа 55 години од своето постоење

Писменоста и образованието на една нација се предуслов за успешна и просперитетна држава. Сите ние ја паметиме возбудата од првото училишно ѕвоно и контактот со првиот наш учител, сите ние се сеќаваме на првиот контакт со бројките и буквите. Подоцна, свесни за вештините што во текот на образовниот процес сме ги стекнале, им оддаваме почит на нашите учители, оние што не внеле во светот на писменоста.

Основното училиште  Ѓорче Петров веќе 55 години е храм на образованието во општината. Низ него поминале илјадници ученици кои денес се истакнати личности во своите професии,  наставници, а во него свој труд  внеле и стотици администартивни работници и технички персонал.

-Задоволство ми е што повторно ја одбележуваме историјата и името на Ѓорче Петров, големиот идеолог  на македонската нација чие име го носи и нашата општина-рече градоначалникот Александар Наумоски кој присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник.

Ова училиште е и пример за соживот. Во него учат ученици од речиси сите етнички заедници, македонци, албанци, роми, бошњаци, срби, хрвати.  Соживот во Ѓорче постои а истиот го бранат жителите на оваа општина без разлика на нивната верска и национална припадност.

Во борбата за почиста и поздрава животна средина треба да се вклучиме сите. Здравите навики се учат од мали нозе. Иако овој патрон празник го посветивте токму на екологијата, посакувам тоа да Ви биде секојдневна лекција. Ве охрабрувам и понатаму да продолжиме  заедно да работиме на подигање на квалитетот на образованието , за да им обезбедиме подобра иднина на нашите деца. Да ги следиме светските трендови во делот на технологијата, иновациите и метдологијата на работа,  истакна Наумоски.

Градоначалникот го заврши својот говор со цитатат од револуционерот Ѓорче Петров  „Не учиме за училиштето, туку за животот“, продолжете да учите за животот, драги ученици.