Околу 3.500 метри квадратни нови зелени површини

Општина Ѓорче Петров во соработка со ЈП “Паркови и зеленило” стартуваше проект за реконструкција и подигнување на околу 3.500 метри квадратни зелени површини со систем на полевање капка по капка.

Целата инвестиција на проектот кој стартуваше денеска на улицата “Лука Геров”, во населеното место Даме Груев е во износ од околу три милиони денари. Интензитетот на работа ќе биде одреден според програмата на јавното претпријатие, но и временските услови.

-И пред локалните избори ветив дека ќе ги сочуваме постојните зелени површини и ќе се заложуваме за подигнување нови површини и паркови. Узурпирањето и неконтролираната градба во општина Ѓорче Петров нема да биде случај како што е на други места – рече градоначалникот Александар Наумоски кој заедно со директорот на ЈП “Паркови и зеленило” Ардијан Муча го означија почетокот на проектот.

Наумоски повторно апелираше за самосвесност кај граѓаните при фрлањето ѓубре и смет, бидејќи, како што рече, новите зелени површини треба да се одржуваат, почнувајќи од нас самите.