Одбележан 14-ноември, Денот на ослободување на Ѓорче Петров

Со низа активности, спортски и хуманитарни настани, општина Ѓорче Петров вчера го прослави празникот 14-ти ноември, Денот на ослободување на Ѓорче Петров.
Во реонскиот парк утрината на споменикот на борците од НОБ, градоначалникот Александар Наумоски и делгации положија цвеќе, оддавајќи им почит на предците и борци кои во борбата против фашизмот ги загубија животите за слободна држава и слободно Ѓорче Петров.
-Денешниот ден е од големо значење за сите нас. Повеќе од 70 години, Ѓорче Петров дише и живее слободно. И ден денес, нашето Ѓорче е симбол на слобода и непокор. Честит и вековит нека ни е 14-ти ноември, Денот на ослободување на Ѓорче Петров. Слава им на хероите кои своевремено во борба против фашизмот ги дадоа животите за ние денеска да живееме во слободна општина, рече Наумоски, обраќајки се пред присутните.
Претпладнето пак, во Домот на култура беше одржано литературно читање со стихови за општината, како и детски фестивал-Соната. Попладнето, во салата “Христо Батаџиев” силите во фудбал на рекреативен натпревар ги одмерија вработените во општината и членови на Советот против вработени во полициската станица-Ѓорче Петров.
Денот беше заокружен со хуманитарен хепенинг за помош на малата Христина Митревска од Ѓорче Петров, која треба во јануари повторно да замине на операција. Таа боледува од ретка генетска болест.