Обезбедени средства за санација на локалниот пат Стопански Двор-село Свиларе

Патиштата се клучни за развој на земјоделието. Ја подобруваме патната инфраструктура до нивите, кадешто се одвиваат најголем дел од земјоделските активности. Преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, обезбедивме средства за санација на локалниот пат од Стопански Двор кон село Свиларе.
Локалниот пат за с.Свиларе (од спојот на локален пат за клучка Стопански Двор во Општина Ѓорче Петров па се до границата со Општина Сарај (кон с.Свиларе)) е со вкупна должина од L=2.500м’ и различна – не стандардна широчина. Истиот делумно е тампониран (1200м’) , а остатокот од 1300м’ е во многу лоша физичка состојба-тесен, со остри, не прегледни и целосно не дефинирани кривини. Со овој предлог се третира токму втората и најоштетена фаза од локалниот пат во должина од L=1300m’, кој во моментов е со не стандардна широчина од 2.5-3.5m, не е прегледен ниту рамен. Оваа негова состојба го отежнува пристапот на земјоделците со земјоделска механизација до земјоделски обработливите површини, а доколку се има во предвид дека се работи за јавен локален пат вон населено место, неговата состојба влијае на нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Овој локален пат најмногу го користат локалните земјоделци од двете општини, чии земјоделски насади се наоѓаат од двете страни на локалниот пат. Од овие причини се наметна потребата за негово осовременување т.е. проширување и соодветно тампонирање, согласно параметрите дадени во основниот проект.
Со оглед на тоа дека се работи за пат кој поврзува две локални самоуправи, односно пат кој го користат земјоделците од општините Ѓорче Петров и Сарај, а имајќи притоа во предвид дека преку спојот на локалниот пат со клучката во Стопански Двор се овозможува и функционално поврзување на двете локални самоуправи со Коридорот 8 (обиколница), вкупниот број на директни корисници на проектните резултати се проценува на околу 50.000.
Се очекува градежните работи да започнат во јули а да финишираат за 3 месеци.
Целта е да се обезбедат соодветни услови за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патниот правец кој поврзува две локални самоуправи, Ѓорче Петров и Сарај.