Нови 7 километри фекална канализација во руралниот дел

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска извршија увид во градежните работи за поставување фекална канализација на ул.„22“ во Волково.

Министерството за транспорт и врски посветува посебно внимание за изградбата на водовод и канализации низ општините. За таа цел, преку заемот од Европската инвестициона банка, предвидени се 446 милиони денари за реализација на дваесетина проекти низ општините, меѓу кои е и Ѓорче Петров.

Проектот чија должина е 7 километри стартува од улица „22“, а продолжува на уште 6 километри во населените места Волково, Волково-Пржина, Кисела Јабука и Стопански двор. По завршување на поставување канализациона мрежа во должина од 7 километри, во овој рурален дел од општината ќе останат уште 13 километри за изградба на фекална мрежа.

За довршување на целосна покриеност со фекална канализација на село Волково , општината има изработено проектна документација за 13-те километри кои се надеваме дека ќе се реализираат идната година со владина поддршка.

-За само две години општината заедно со државата изгради фекална канализација во должина од 26 километри во руралниот и урбаниот дел. Со ова не завршуваме, по поставување на фекалната канализациона мрежа, ќе следи асфалтирање на улиците 20, 22, 24 и 40 со средства од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски.  Овие улици ќе се асфалтираат како дел од проектот ,,Македонија без кал”, со краен рок на реализација до 2024 година – изјави Наумоски.

Претходно, преку Македонија пат во Ѓорче Петров беа асфалтирани 33 улици во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука за кои државата одвои околу 500 илјади евра.

Градоначалникот додаде дека работите се движат во вистинска насока и оти потребно е само трпение.

– Никогаш претходно во Ѓорче не се градело толку колку што се гради сега. Во моментов имаме само 5 капитални проекти, градинка во Волково, спортска сала во Волково, базен, Корзото е во завршна фаза, а речиси го финишираме јавното осветлување, најмодерно, најефикасно во главниот град, но можам да кажам и во државата – рече Наумоски.