На критичната точка кај ООУ “Мирче Ацев” ќе биде поставен семафор

На критичното место пред училиштето “Мирче Ацев” на улицата “Борис Сарафов” каде пред неколку дена во сообраќајна незгода беше повредено 10-годишно дете од Ѓорче Петров, а во повеќе наврати се случуваа вакви незгоди, ќе биде поставен семафор, информираат од Град Скопје.
Општината веќе неколку пати иницираше средби со релевантните страни и организации кои работат на тематиката за решавање на овој проблем на “Борис Сарафов”, но и на уште неколку места кои се сметаат за критични во однос на сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешачките премини.
Градоначалникот Александар Наумоски изрази жалење за сообраќајната незгода, при што истакна дека посакува повреденото дете што побрзо да закрепне.
-Се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет. Повикувам пред се на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца, но и на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан. Исто како и тие, и јас очекувам преку конкретен проект, конечно решавање на проблемот – рече Наумоски во писмена изјава до медиумите, по најавите за протести од тамошните жители поради актуелната состојба.