Наумоски ја посети општина Разлог, Република Бугарија

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски ја посети општина Разлог, Република Бугарија, каде оствари средба со бугарскиот колега Красимир Герчев. Во Разлог, Наумоски посети и неколку локации каде општината спроведува големи проекти со средства од Европската унија.
Беа разменети искуства и идеи, се разговараше на теми од заеднички интерес, а двајцата градоначалници се договорија и во иднина да соработуваат со меѓусебна помош, што можеби ќе доведе и до заеднички проект меѓу двете општини. Иако се зборуваше на теми од локалната самоуправа, акцент беше ставен на сочувување на животната средина и што е можно повеќе изградба или обнова на енергетски ефикасни објекти, како и проблемот со кој се соочуваат општини и од двете земји-депониите.
Делегацијата од Ѓорче Петров присуствуваше и на почнување со реновирање на зграда во Разлог, чиј старт го означи Герчев, што вклучува нова фасада, покрив, прозори и под во домовите, со што ќе се добие целосно нов изглед на зградата, како и енергетски ефикасен објект. Овој проект со средства од Европската унија веќе се имплементира во оваа општина, односно досега се опфатени доста објекти. Во таа насока, општина Ѓорче Петров неодамна со здружението “Хабитат Македонија” потпиша Меморандум за соработка кој вклучува сличен проект за зградите. Искуството од Разлог беше одлично за да се увиди како на сличен начин изгледа имплементација на проект за енергетски ефикасни згради што во Ѓорче Петров ќе се одвива преку субвенции за нови фасади и покриви.
Наумоски ја посети и пречистителната станица и депонија во Разлог, изградена со средства од Европската унија во која депонираат повеќе општини од регионот, приближно 25 илјади тони ѓубре годишно. Разменети беа корисни информации во однос на работата на депото кое функционира според високи стандарди. Посетата беше одлично искуство кое во иднина може да послужи како пример по сличен принцип во Ѓорче Петров да се имплементира таков проект, кој ќе биде од големо значење за сочувување на животната средина и намалување на депонирањето на недозволени места.