Наумоски во посета на „Екопалет“ ДООЕЛ Скопје

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска го посети Друштвото за производство, трговија и услуги „Екопалет“ ДООЕЛ Скопје кое наскоро стартува со работа со производство на пелети.
-Максимално го поддржувам стартот на малите и средни претпријатија на територија на општина Ѓорче Петров. Ги поздравувам сите идеи кои дополнително придонесуваат за економски развој и подобрување на бизнис климата, рече Наумоски при посетата.
Со сопственикот на Друштвото Кристијан Бојковски, градоначалникот имаше можност да поразговара за капацитетите на производство, но и предизвиците со кои се соочуваат малите бизниси во време на Ковид 19 вирусот кој значително го промени секојдневието.
-Со развојот на малите и средни бизниси се овозможува и дополнителни вработувања. Тоа придонесува кон зголемување на производството. Растот на несигурност од последиците од светската пандемија ја наметна потребата од развој на динамичен сектор. Добро е што во време на глобална криза моите сограѓани се охрабруваат на ваков чекор – додаде градоначалникот.
Тој воедно истакна и дека сите кои имаат идеја за старт на проект целосно ја имаат поддршката од општината. Наумоски потсети дека сите иновативни идеи и бизниси од ваков и сличен вид е потребно да ги исполнат сите стандарди во делот на заштита на животната средина.