Информација за планот СЗ 24 – Јурија

Општина Ѓорче Петров донесе Детален урбанистички план за Градска четврт СЗ 24, Блок СЗ 24.03, со кој се овозможуваат услови за градење на просторот, но Одобрение за градење сѐ уште не е дадено. Истото се издава врз основа на основни проекти за градбите, во постапка согласно Законот за градење.

Сега донесениот ДУП е изработен во согласност со плановите од повисоко ниво: ГУП на Град Скопје 2012 – 2022 и Регулациски план на ГУП за четврт СЗ 24 од 2018 година.
Претходниот план „ДУП за локалитет Јурија“ е од 2001 година и истиот не е во согласност со намените за просторот дефинирани со плановите од повисоко ниво, а донесени подоцна, во 2012 и 2018 година.
Решението на новиот план нуди современ концепт за развојните потреби на општината.
Воедно, максимално дозволените нумерички параметри за градежната парцела не дозволуваат изградба на целата површина за градење со височина од 58m. Зададена е височина од П до П+17 (од приземје до приземје и 17 нивоа), при што максимално дозволената бруто развиена површина за градење условува дека со П+17 може да биде изведен само мал дел од површината. Всушност, ова е планска одредба со која ќе се условат архитектите да изнајдат посмели архитектонски решенија за градбите, со разиграни и денивелирани површини и волумени, односно интенцијата е да се побегне од стерилните архитектонски решенија кои беа вообичаени во изминатиот 10 годишен период – кога се реализираа „ѕидови“ долж улиците.
Протокот на воздух апсолутно нема да биде спречен. Соодветно на претходното образложение за условеноста на проектирање на разиграни и денивелирани површини и волумени на градбите, по целата должина ќе се појават продори во површините за градење.
Во просторот значаен дел е одделен за зеленило. На дури 4257m² планиран е јавен парк, во зона надвор од градежни парцели. Дополнително, зададен е услов за реализација на градбите според кој мора да се обезбеди најмалку 20% површина под зеленило во рамките на градежните парцели. Овие 20% претставуваат 6106m² на ниво на плански опфат. Оттука, со планот е предвидено најмалку 10363m² од површината да биде под зеленило (4257+6106), што претставува 27% од површината на блокот СЗ 24.03 – во рамките на регулационата линија како што е дефинирана со планот од повисоко ниво РПЧ СЗ 24.
На Деталниот урбанистички план се спроведени 2 јавни анкети и тоа: првата во периодот од 12.07.2019 до 25.07.2019, а втората во периодот од 18.09.2019 до 24.09.2019. Соопштенијата за јавните анкети биле соодветно објавени во 2 дневни весници, но и на веб страницата на Општина Ѓорче Петров (каде и се уште може да се видат, во секцијата со објави и соопштенија од постапките за донесување на урбанистички планови). На двете анкети планот бил истакнат во М.З. Дексион, а стручните служби од Одделението за урбанистичко планирање во општина Ѓорче Петров биле достапни за било какви прашања и консултации.
Одржани се и јавни презентации на планот: првата на 16.07.2019 и втората на 19.09.2019, двете во просториите на М.З. Дексион на кои биле поканети да присуствуваат сите заинтересирани граѓани и претставници на релевантни институции и комунални претпријатија.
Почитувани се сите процедури во постапката на донесување, односно се е во рамки на одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Обезбедени се согласности и позитивни мислења од сите релевантни институции, вклучувајќи ги и Град Скопје и Министерството за транспорт и врски.