Демант на општина Ѓорче Петров на текстот на порталот ,,Нетпрес” со наслов ,,Спорната зграда во паркот во Ѓорче Петров почна да се гради”

Во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, општина Ѓорче Петров бара од редакцијата на порталот „Нетпрес “ да објави исправка / демант на лажната вест со наслов ,,Спорната зграда во паркот во Ѓорче Петров почна да се гради” објавена на 08.07.2019 година на вашата страница на следниот линк: https://netpress.com.mk/spornata-zgrada-vo-parkot-vo-gorce-petrov-pocna-da-se-gradi/?fbclid=IwAR14JTE1F8gDGthv3oQtmlDzmSfFGo7xTibuCczOw2wyWmnLJSUMNzNo60o
Општина Ѓорче Петров категорично и целосно ја отфрла содржината на насловот и прилогот како невистинит и тендециозен. Прилогот е подготвен надвор од професионалните новинарски стандарди.
Станува збор за класична дезинформација и лага. Во Реонскиот парк стартуваат градежни работи за изведба на Корзото.
Градоначалникот Алкександар Наумоски останува на изјавата која е цитирана во вашиот текст- ,,Од паркот нема да се одземе ниту милиметар зелена површина, одговорно тврдиме. Се работи за измена на план за кој Ѓорче треба да добие вистинско градско јадро кое ќе личи, на кое ќе има Корзо со кафетерии и други организирани содржини за сите возрасти.
Во прилог конкретен опис како и со кои содржини ќе биде дефинирано корзото:
Градежната локација е со површина од 6.500 m², и во себе опфаќа повеќе целини кои треба да создадат атрактивна јавна површина. Локацијата за партерно уредување се дефинира на потегот на старото корзо во општина Ѓорче Петров, меѓу општинскиот парк и објектот на супермаркетот „Тинекс“, во правец север југ и меѓу трговскиот центар Емпорио и новопроектираниот кружен тек (бул. „Ѓорче Петров“ со бул. „Македонска војска“ ) во правец исток-запад. Во моментов на теренот сеуште е присутна историската трага од некогашното корзо, кој е значаен споменик од минатото, а чија оска е пресечена со трговскиот центар „Емпорио“. Проектот става акцент токму врз возобновување и враќање на сјајот на овој историски споменик. Крајниот концепт на проектот се обидува да го сочува доминантиот дел од постоечкото вертикално зеленило, додека останатото да го дислоцира во паркот во рамките на техничките можности. Јавната површина која е дефинирана со проектот обединува повеќе простори/содржини во себе: Плочник, (Амфитеатар) Пјацета со скалиште, Корзо, Пјацета во пад, Детско игралиште. Плочникот е просторот каде се испреплетуваат сите пешачки оски , каде се пристигнува со јавниот автобуски превоз и од каде се очекува најголем прилив на посетители. Позициониран е идеално, покрај булеварот и помеѓу двата кружни сообраќајни токови. Предвидено е со зелена бариера да се одвои јавниот од приватниот простор, додека кон плочникот ќе се креираат разиграни модули на зеленило, одмор и слободна површина во неколку повторувања. Кон „Емпорио“ е предвидена изведба на плочник во пад, колоритно разбиен, проследен со вертикално зеленило со поента во сопственото средиште – простор за современа скулптура, чија позиција и параметри се дефинирани во консултација со стручни лица. Просторот кон корзото се ослободува целосно и со изведба на скалници и рампа се пристига на негово ниво. На скалниците во граничната зона со тротоарската површина на булеварот, се предвидува урбана перфорирана зидна структура со цел да се зголеми интимноста на јавната површина преку физичка бариера. Амфитеатарот(пјацетата со скалиште) е просторот кој добива тежина на плоштад. Во рамките на истиот се предвидува површина за евентуално идно инкорпорирање на урбана опрема од монтажен карактер. Корзото е оската на која се дава најмногу значење како шеталиште. Старата гранитна коцка се прередува по нова шема и се вклопува во новите материјали. Покрај корзото се позиционираат две кафетерии, два тобако локали и еден јавен тоалет. Предвиден е и паркинг за велосипеди за вработените и посетителите. Пјацетата во пад се поврзува со корзото и ги насочува посетителите кон истото, најавувајќи ги неговите содржини. Детското игралиште е засебна целина позиционирана на местото на старото игралиште и се предвидува да биде во функција и на децата со попречености.

Во моментов општината ја спроведува со сопствени средства Фаза I од проектот која предивидува расчистување на теренот, рушење на непотребни остатоци од стари објекти, поставување на подземни инсталации, и бетонски работи.

Општина Ѓорче Петров бара од редакцијата на „Нетпрес “ во законскиот рок да го објави овој демант и да му се извини на градоначалникот Александар Наумоски за нанесената штета по неговиот углед со овие лаги како и нарушување на угледот на општината, како и повлекување на текстот од вашиот портал со наслов ,,Спорната зграда во паркот во Ѓорче Петров почна да се гради”.
Со почит,
Општина Ѓорче Петров