Дебата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“

Градоначалникот Александар Наумоски учествуваше на дебата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што се одржа во салата на Советот на Град Скопје. Дебатата беше во организација на НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг на локалните инспекторати“, поддржан од Амбасадата на САД.
Идејата за реформи во организацијата на инспекцискиот надзор во главниот град, којшто во делот на локалната самоуправа е управуван од Град Скопје и уште 10 општини, потекнува од многубројните примери во праксата кои се провлекуваат во минатото, а за кои сега кај оваа политичка гарнитура на власт постои огромна политичка волја конечно да се стави крај на сите слабости кои вака организираниот систем досега ги покажувал.
Град Скопје бара решенија како да се стигне до модел кој навистина ќе биде ефикасен, ќе функционира и ќе дава резултати кои ќе значат максимално почитување на законите .
За таа цел Град Скопје подготвува меѓуопштински договор кој до крајот на овој месец треба да го потпишат сите скопски општини преку кој ќе се изврши централизирање на инспекцискиот надзор на територијата на главниот град, под капата на Град Скопје.