Дваесетина пријави за субвенции на нови фасади и кровови-се уште може да се аплицира

До истекот на рокот на јавниот повик за субвенционирање на нови енергетски ефикасни фасади и кровови на станбени згради на територија на општината-проект што се спроведува со “Хабитат Македонија”, до општина Ѓорче Петров пристигнати се 19 апликации од заедници на сопственици или управители.
Комисијата утврди дека ниту една апликација не е со целосно потребни податоци и документи кои се бараа во повикот, но, сепак се пристапи кон евалуација со цел да се елиминираат недостатоците и да се надополнат апликациите за да се направи конечна ранг-листа на кои згради ќе им бидат доделени субвенции.
Од страна на комисијата ќе се разгледуваат сите поднесени апликации, се до целосно искористување на финансиските средства предвидени за оваа намена.
Условите за добивање на субвенција кои беа пропишани во јавниот повик, предвидуваат општината да партиципира со 30 проценти од вкупната вредност на инвестицијата за секоја одобрена апликација, но не повеќе од 1.000.000 денари.
Според регистарот на згради кој општината го направи со “Хабитат”, на територијата на Ѓорче Петров има колу 250 згради, а половина од нив, или 125 може да влезат во проектот „Енергетски ефикасни домови“.