Градежните работи на градинката во Волково во полн ек

Во рок од 18 месеци треба да биде завршена градинката во Волково која ќе биде со капацитет од 175 деца поделени во осум занимални (од 0 до 6 години). Увид во градежните работи кои се во тек на лице-место денеска извршија заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Наумоски.

Се очекува да биде најсовремена и најмодерна градинка во земјата, штедлив објект по сите стандарди. Изградбата е дел од „Проектот за условени парични надоместоци (УНП Проект)“ кој се реализира од Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка. Вредноста на градинката е над 80 милиони денари, а проектот е на тим од општина Ѓорче Петров.

-Министерството и Светска банка го препознаа проектот на нашиот тим. Ве уверувам дека ова ќе биде најубавата градинка во нашата држава. Дополнително, во овој дел од Ѓорче Петров вложени се околу 3 ипол милиони евра – рече Наумоски.

Царовска нагласи дека овој објект ќе ги релаксира просторните услови на децата кои веќе се сместени во постоечките градинки во општината.

-Како Влада во минатите две ипол години покажавме дека инвестирањето во предучилишно образование е наш висок приоритет. Само во две ипол години вложивме повеќе од 180 милиони денари кои покажуваат дека сакаме да ја подобриме инфраструктурата во детската заштита. Преку програма на Светска банка обезбедивме 15 милиони евра за дополнителни инвестиции во инфраструктура – истакна Царовска.

Според Шкријељ, раниот детски развој е еден од главните приоритети на ресорното Министерство затоа што градинките не се само места каде децата се згрижуваат, туку и каде почнуваат да учат, го осознаваат светот и се социјализираат.

-Затоа е важно секое дете да има еднакви можности за еднаков старт во животот, а наша обврска е да го обезбедиме тоа – рече Шкријељ, доадавајќи дека од овогодинешниот Буџет обезбедени се 105 милиони денари за опрема и реконструкција на објекти за згрижување на деца и дополнителните 15 милиони евра од Светска банка.