Бесплатна партиципација при здравствени услуги за лица од семејства со социјален ризик

Лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош нема да плаќаат партиципација при користење здравствени услуги. Оваа одлука ја донесе Владата, а пред граѓаните ја претставија градоначалникот Александар Наумоски и министрите за здравство Венко Филипче и за труд и социјална политика Мила Царовска, при посетата на граѓанската организација „Лил“, која делува на територија на општина Ѓорче Петров. Оваа организација ја покрена иницијативата овие лица да бидат ослободени од плаќање здравствена партиципација.
Градоначалникот Наумоски ја поздрави мерката и рече дека преку обезбедување бесплатна здравствена заштита за лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош, се решава еден сегмент од социјалната заштита.
Со одлуката, се очекува да се зголеми и достапноста на здравствени услуги и да се поштеди оваа вулнерабилна група од дополнителни финансиски трошоци при остварување на правото за здравствена заштита.
Лицата бесплатно ќе се лекуваат во сите јавни здравствени установи, специјалистичко консултативни и болнички дејности. Станува збор за програма која ќе ја спроведува Министерството за здравство со која ќе бидат опфатени 20.000 лица.