Акција за бесплатно собирање електричен и електронски отпад

Општина Ѓорче Петров во соработка со Друштвото за управување со отпад “Нула Отпад” го означија почетокот на големата летна акција за бесплатно собирање електричен и електронски отпад од домовите на територија на општината.
Граѓаните на Ѓорче Петров ќе имаат можност, доколку имаат потреба, со вртење на телефонскиот број 070/236-000 да пријават за бесплатно од прагот на домот да им биде преземен габаритен уред како шпорет, термо печка, или пак, фрижидер кој не им е потребен. На телефонскиот број ќе остават име, адреса, што поседуваат од уред и контакт, по што ќе им биде излезено во пресрет. По истиот принцип, граѓаните може да пријават габаритен отпад и во најблиската урбана или месна заедница во Ѓорче Петров или во “Нула Отпад” на телефонскиот број 02 3 256-309.
-Продолжуваме да работиме во интерес на нашите граѓани. Се надевам дека оваа акција ќе им биде од големо значење, како и нам, со тоа што очекуваме да се намали габаритниот отпад кој досега се фрла во близина на контејнерите и на неозначени места, и тоа предизвикува проблем за нашите служби – изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски.
Воедно, во рамки на акцијата, пред трговскиот центар “СП Планет” во Ѓорче Петров веќе е поставен контејнер кој исто така служи како место за оставање електричен и електронски отпад за оние граѓани кои истиот можат да го транспортираат до контејнерот.